На 08.06 2021 година во просториите на ЈП ХС Злетовица е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Јавното претпријатие за извршување на водостопански дејности Хидросистем Злетовица – Пробиштип претставувано од Директорот Миле Илиевски, Јавното претпријатие за комунално-производни и услужни работи Исар – Штип претставувано од директорот Здравко Коцев и Јавното претпријатие за комунално-производни и услужни работи Плачковица – Карбинци претставувано од директорот Ѓорѓе Јанков. Со потпишувањето на овој Меморандум, претпријатијата се обврзуваат на меѓусебна соработка со што координирано ќе дејствуваат во насока на планирање и реализирање на завршните активности за дореализација и целосно ставање во функција на Фаза 1 – водоснабдување од повеќенаменскиот проект Хидросистем Злетовица. Со комплетната реализација на Фаза 1, ХС Злетовица ќе испорачува сирова вода од нејзините зафатни градби до филтерстаниците на општините корисници согласно нивните потреби.
Зафатна градба Зафат 3 (со максимален капацитет од 650 l/s) испорачува сирова вода до филтерстаницата во Свети Николе која има максимален капацитет за обработка на сирова вода до 100 l/s, а со изградба на новите филтерстаници и нивно пуштање во употреба ќе се испорачува сирова вода на филтерстаницата во Штип која има максимален капацитет за обработка на сирова вода до 300 l/s, на филтерстаницата во Карбинци која има максимален капацитет за обработка на сирова вода до 40 l/s и на филтерстаницата во Лозово која има максимален капацитет за обработка на сирова вода до 30 l/s.
Зафатна градба Зафат 1 (максимален капацитет од 150 l/s) испорачува сирова вода на филтерстаницата во Пробиштип која има максимален капацитет за обработка на сирова вода до 100 l/s.